Петар Печков
Објавено: понеделник, 20 август 2012
Во источниот дел од Македонија, на надморска височина од 670 до 1050 метри, во подножјето на Малешевските планини е сместена нашата „мала Швајцарија“. Токму вака тамошните жители, но и многубројните посетители ја нарекуваат Малешевијата, област во која природата истурила едно чудо благодети, природни убавини од кои застанува здивот. Богатство од борови, дабови и од букови шуми, чиста река, прекрасно езеро, безброј цвеќиња и и лековити чаеви и најголема концентрација на кислород во воздухот на подрачјето на целиот Балкан.
Поради тоа, велат жителите, во овој крај нема анемични луѓе. За само една недела, секој што има среќа да го вдишува беровскиот воздух може да ги удвои црвените крвни зрнца. За пушачите пак, велат тие наполу на шега, веднаш би требало да се воведат казнени такси. За разлика од летувањето на море кое, за жал, со себе го носи ризикот од штетното дејство на сончевите зраци, летувањето во Берово знае да биде многу корисно и продуктивно, дури и за тие со најлоша дијагноза. Природните убавини ќе ви ја вратат физичката сила, а манастирите и црквите лоцирани во околината ќе ви помогнат да си го најдете душевниот мир.
Свети Архангел Михаил
Општина Берово се простира на површина од 595 квадратни километри и брои околу 14 илјади жители, од кои, 7 илјади живеат во градот и уште толку во околните рурални средини. За да стигнете дотаму од нашиот главен град, ќе треба да поминете 170 километри, преку Штип, Кочани и Виница. На патот ќе заборавите веднаш штом ќе влезете низ големата дрвена порта на манастирот „Свети Архангел Михаил“, во еден друг, сосема поинаков свет. Изграден е во 1818 година и со неговата изградба е поврзана и една од најинтересните приказни од овој крај. Имено, за изградба на црквата што се наоѓа во рамките на сегашниот манастирски комплекс, тогашниот турски валија поставил три услови. Црквата да не биде повисока од патот кој минува покрај неа, да се изгради во одреден рок, а по завршувањето на градбата, најмладата ќерка на свештеникот да стане дел од неговиот харем.
Според раскажувањето на свештениците ова не се исполнило бидејќи ќерката на попот побегнала во Ќустендил, во соседна Бугарија. Кога по шест-седум месеци комитите го убиле валијата, таа се вратила во Берово и се омажила во едно од тогаш најпознатите семејства во градот. Токму од две наследнички од семејството на нејзината постара сестра, 20-тина години подоцна е основано и монашко сестринство кое без прекин, оттогаш, односно од 1840 година па до денес, не згаснало во ниту еден момент. Во својот најголем подем манастирот броел и до 60 монахињи, но денеска таму живеат само три.
Во првата половина на 19 век во неговите конаци е формирано и првото црковно ќелијно училиште од познатиот македонски преродбеник Јоаким Крчовски. Стилот во кој е изградена црквата, како и широките чардаци и конаци ѕидани од камен се автентичен пример за македонската архитектура од 19 век. Македонските резбари го оставиле својот печат на дрвените тавани, на чардаците и на дрвените столбови од отворениот трем на црквата. Во манастирот активно работи иконописната школа, односно, сестринството во овој манастир изработува икони во византиски стил и одржува летна школа со часови по иконопис за заинтересираните посетители кои последните неколку години доаѓаат од Холандија. Веднаш до манастирот се наоѓа и прекрасниот хотелски комплекс „Манастир“ изграден во духот на традиционалната манастирска архитектура поради која одлично се вклопува во околината.
Пресвета Богородица
На периферијата на Берово се наоѓа црквата „Пресвета Богородица“, а веднаш до неа и машкиот манастир. Црквата е изградена во периодот од 1972 до 1975 година, во стилот на византиско-македонските цркви од средниот век. На тоа место во минатото постоела друга црква. Инаку, токму тука, на празникот Голема Богородица, на 28 август, секоја година Берово е домаќин на славата што се прославува во манастирот „Пресвета Богородица“.
Црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ е еден од препознатливите белези на Берово и центар на збиднувањата за жителите и за посетителите. Црквата е изградена во 1912 година. Во 1930 била изградена и камбанаријата. Во секоја од околните селски населби има барем по една црква која е центар на збиднувањата на животот на мештаните.
Беровско Езеро
Кога сте во Берово, нормално, не смеете да не го посетите Беровско езеро. Тоа се наоѓа на шест километри од градот, по патот за граничниот премин Клепало, кон Бугарија. На бреговите од езерото – бујни борови шуми, а околу – разнобојни цвеќиња, шумски плодови, лековити тревки. Браната е изградена во 1970 година со височина од 60 метри. Езерото е богато со риби и постои можност за спортски риболов. Покрај него има ресторан и бунгалови. Целиот локалитет е лоциран на брегот од езерото и на надморска височина од 1000 метри. Покрај езерото се протегаат и голем број приватни викендички што можат да се изнајмуваат, прекрасни терени за рекреација и за спортување и преубав поглед.
Сместувачки капацитети
Дел од туристичката населба кај Беровско езеро, со прекрасен поглед на езерото е комплексот „Аурора“, воедно, најголем комплекс во оваа област. Се наоѓа на 6 километри од Берово и на надморска висина од 1.100 метри. Со панорамски поглед на градот, на 350 метри од центарот на Берово е сместен и Ловниот дом. Покрај прекрасната глетка, тука има можности за разни спортски активности, за планинарење и за прошетки. Објектот поседува и тениско игралиште и голема тераса, а составен дел е и ресторанот. Над него има два апартмани и две двокреветни соби што им се на располагање на туристите.
Абланица
Оваа туристичка населба е распространета на двете страни на реката Брегалница, а се наоѓа на два километри од Берово. Ова е местото со најмногу и со најатрактивни археолошки локалитети во оваа област. Во рамките на населбата има околу 130 викенд-куќи, а дел од низ им се изнајмуваат на туристи.
Тука е и црквата „Света Петка“ со фрескопис и со иконостас изработен од локалните уметници. Меѓудругите, во оваа населба не може да ја одминете, а да не ја забележите викенд-куќата на Митко Петров, поранешен новинар од Струмица и неговите прекрасни скулптури од дрво кои го красат дворот.
Традиција и историја
Во самиот град, поточно, во центарот на Берово е сместен Музејот на градот. Зградата во која се наоѓа е реконструирана во духот на оригиналната архитектура од крајот на 19 век, за која беровчани се сентиментално поврзани бидејќи таа е еден од препознатливите елементи на градот. Историската поставка во музејот се состои од документи и од предмети од времето на дедо Иљо Малешевски, Димитар Поп-Георгиев Беровски, Разловечкото востание…Тука се и античките и средновековните монети пронајдени во оваа област, како и етнолошката поставка што се состои од реконструкција на малешевска соба, малешевска носија, накити, грнчарски производи, музички инструменти.
Во Берово и денеска се негуваат традиционалните занаети, а локалните специјалитети имаат неповторлив вкус.
Текстот е преземен од МИА
Tweet |